Грчките пожарникари, денеска, седми ден по ред, се борат со шумските пожари на Родос, а стотици туристи, кои претходните денови беа евакуирани од островот, треба да се вратат во матичните земји со авиони.
Речиси 20.000 луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови и хотели на Родос за време на викендот бидејќи пеколот што почна пред една недела со пожари се прошири на крајбрежните одморалишта откога изгоре големи површини и оштети и уништи згради.
Министерството за надворешни работи соопшти дека е активирано кризното управување со цел да се евакуираат странските државјани, а вчера со авиони дома се вратиле повеќе од 2.000 странски туристи.
Се очекува денеска голем број странци да ја напуштат Грција со специјални линии, а туристичките агенции ги откажаа планираните патувања.
Грција често е погодена од пожари во летните месеци, но климатските промени придонесоа за сè поекстремни топлотни бранови на југот на Европа, а се зголемуваат стравувањата дека туристите ќе ги заобиколат тие дестинации.
Стотици пожарникари со помош на екипи од Турција и Словачка се обидуваат да ги скротат пожарите што беснеат во близина на селата Генади и Вати на југоистокот на Родос, а жештините и ветровите ја отежнуваат ситуацијата.
„Пожарите повторно се активираа во целата земја, но сè уште нема закана за населените места“, изјави припадник на противпожарната служба.
Грција во последните недели ја погодија многу високи температури, а се очекува од утре живата во термометрите да се искачи над 44 Целзиусови степени.
Цивилната заштита денеска предупредува на исклучително висок ризик од пожар на Родос и Крит. Грчките острови се популарни туристички дестинации, особено за Германците и Британците. Туризмот учествува со дури 18 отсто од грчкиот БДП.