„Уникатно и совршено сценско доживување“, така на денешната прес-конференција беше најавена утрешната претстава „Пеколна комедија“: Исповеди на сериски убиец“ која во Охрид, на Охридско лето и првпат во Македонија како актер го носи светски познатиот холивудски глумец, режисер и продуцент Џон Малкович.
Поврзувајќи ги класичната музика и глумата во еден голем сценско-музички проект, славниот актер утре ќе настапи во придружба на Оркестарот на Виенската академија и сопранистите Чен Реис и Сузан Лангбејн.
Како што појасни селекторката на драмската програма на „Охридско лето“, Сања Арсовска, станува збор за претстава на авторот и режисер Михаил Штурмингер, кој својата драматушка структура и емотивна архитектура ја гради врз две спротивставености – комедијата и психолошката драма.
– Од една страна серискиот убиец со лесна духовитост и луцидност ги нижи настаните од својот живот, а публиката ја лови во мрежа од ироничен хумор и додека публиката мисли дека е заловена во комична атмосфера, на сцената почнува вистински пекол, придружен со оркестар и силни сопрани. Тука серискиот убиец Џек Унтервегер започнува да ги вади демоните од себе, рече Арсовска.
Актерот Џон Малкович, кој својата уметничка кариера токму и ја започна во театарот, појасни дека оваа претстава првпат ја одиграл на сцена пред 15 години, но дека истата е видоизменета, пред се поради ограниченоста на уметничките перформанси наметната од коронавирусот.
Министерката за култура Бисера Костадинова – Стојчевска истакна дека честа е огромна што Малкович ќе се впише на листата најгламурозни уметници во фестивалската историја на Охридско лето, како еден од петте најелитни европски фестивали.
– Малкович со својата драмска и уметничка вредност ќе остави траен белег на нашата најеминентна културно-сценска манифестација. Со богатото искуство и харизма како исклучителен актер, режисер и продуцент, неговото присуство ќе придонесе за уште поголемо афирмирање на Охридско лето и нашата држава, рече таа.
Малкович пред медиумите за Охрид и Македонија нагласи дека се прекрасни од она што можел да го види досега. Наведе дека повеќепати бил во регионот и во државите на поранешната југословенска заедница, но дека ова му е првпат во Охрид. Неговите барања се доста скромни, она што е познато е дека побарал да го види манастирот „Свети Наум“.
Инаку, за претставата е резервирана големата сцена на Античкиот театар, таа ќе се изведува пред над две илјади гледачи, а потврда за огромниот интерес кај публиката е тоа што бројни резервации за неа има од регионот, но и од Холандија, Франција, Бразил, САД…