Пратеникот во украинскиот парламент, Олександр Пономарјев, е уапсен под сомнение дека го прекршил членот 111 од Кривичниот законик на Украина, кој се однесува на предавство, јави Радио Слободна Европа.
Вработените во Службата за безбедност на Украина и Државното биро за истраги тврдат дека откриле „дека тој соработувал со Руската Федерација“. Пономарјов беше избран во Врховната Рада од редовите на опозициската платформа – За живот, проруска партија која беше забранета минатата година.
– Утврдено е дека за време на сеопфатната инвазија врз Украина, Пономарјев, кој се наоѓал во привремено окупираното подрачјре на Запорошката област, доброволно соработувал со агресорот. Конкретно, тој ги пререгистрирал компаниите под негова контрола според руското законодавство, отворил сметки во локалните филијали на банкарските институции на Руската Федерација, а исто така организирал производство на материјални добра и нивни трансфер до руските окупациски сили, се вели во соопштението.
Оттаму додаваат дека „според достапните информации, фабриките на инволвираното лице снабдувале гориво и масла за воената опрема на Руската Федерација и обезбедувале опрема за непријателските утврдувања“. Инаку, медиумите веќе претходно јавија дека Пономарјов има руски пасош, што тој на почетокот го призна, но подоцна го демантираше.