Последното палење на исламската света книга Куран во Шведска и муслиманските протести поради тоа ја влошија безбедноста и го нарушија имиџот на Шведска, соопшти денеска безбедносната служба во Стокхолм САПО.
Во соопштението се наведува дека палењето и сквернавењето на верски книги во Шведска, како и тековните кампањи за дезинформации на социјалните мрежи и на други места, негативно влијаеле на имиџот на Шведска, која „од толерантна земја се претвори во земја непријателска кон исламот и муслиманите“.
Ова се заканува да ги поттикне заканите за Шведска од „поединци во насилното исламистичко милје“, рече САПО, додавајќи дека ризикот од тероризам во Шведска останува зголемен на три на скала од пет.
Во Шведска не постои законска забрана за палење или сквернавење на Куранот и други верски текстови. Како и многу западни земји, Шведска нема закон за богохулење, а Уставот го штити правото на демонстрација, што полицијата го дозволува сè додека тоа не го нарушува јавниот живот и ја загрозува јавната безбедност.
Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел денеска го осуди сквернавењето на верските книги во Шведска и Данска, велејќи дека овие акти на „индивидуални провокатори имаат корист само за оние кои сакаат поделби“.
– Почитувањето на различностите е фундаментална вредност на Европската унија. Ова вклучува почитување на другите верски заедници. Сквернавењето на Куранот, или која било друга книга што се смета за света, е навредливо, тоа е непочитување и јасна провокација. За изразување расизам, ксенофобија и нетолеранција нема место во ЕУ, рече тој.
Во неколку земји со мнозинско муслиманско население, илјадници гневни луѓе демонстрираа минатата недела поради сквернавењето на Куранот во Шведска, еден ден откако демонстрантите упаднаа во нејзината амбасада во Ирак.