Советот на Европската централна банка (ЕЦБ) денеска одлучи да ја зголеми основната каматна стапка за 0,25 процентни поени. Основната каматна стапка, по која комерцијалните банки можат да добијат свежи пари од ЕЦБ, сега се искачи на 4,25 проценти. Клучната каматна стапка последен пат беше толку висока на почетокот на глобалната финансиска криза во октомври 2008 година.
Од ЕЦБ оценија дека прозорецот за натамошни зголемувања на каматите е затворен, затоа што се очекува инфлацијата наесен значително ќе се намали. Иако додаваат дека во моментов се наоѓаме во геополитички нејасна сфера, во која мора да се почека за да се види дали досегашната доза на каматен раст е доволна за долгорочно зауздување на инфлацијата.
Вчера и Банката на федерални резерви на САД исто така ја зголеми референтната каматна стапка за една четвртина поен, зголемувајќи ги каматните стапки на највисоко ниво во последните 22 години.
Зголемувањето на основната каматна стапка од страна на ЕЦБ значи дека најверојатно и кај нас ќе следи ново зголемување на основната каматна стапка. Последната корекција од страна на НБРМ беше направена во јуни кога таа се зголеми за 0,25 процентни поени, до ниво од 6%.
Од почетокот на годината НБРМ четири пати правеше корекции на основните каматни стапки – во февруари, март, мај и јуни.
Зголемувањето на основната каматна стапка од страна на НБРМ во принцип значи корекција на висината на банкарските каматни стапки за кредити и депозити. (З.П.)