Маричиќ: Ако Македонија ја заврши задачата, Бугарија нема да наметнува нови барања

Вицепремиерот Бојан Маричиќ верува дека нема да има никакви компликации за нашите преговори со ЕУ од бугарска страна, ако Македонија си ја заврши задачата.

Досегашните комуникации со бугарската влада, како што уверува Маричиќ, не укажуваат на злонамера или нешто што е повеќе од она што е запишано во преговарачката рамка, заклучоците на Советот и протоколот.

„Нема Бугарја да вади дополнителни причини за блокирање, ако ние си ја завршиме задачата. Доколку во најлош случај дојде до тоа, тие би се соочиле со сериозен притисок од заедницата. Мислам дека има добра волја од страна на новата влада да нема дополнителни прашања што ќе го забават процесот“. рече Маричиќ.

Тој истакна дека Владата до крајот на својот мандат нема да се откаже од обидите да бидат усвоени уставните измени. Укажа дека е многу важно тоа да се случи годинава за време на проширувањето.

Владата е подготвена за разговори со опозицијата, вели вицепремиерот и додава дека каналот за комуникација не треба да се затвори, па ако има желба од опозицијата за лидерска средба нема да бидат одбиени.

Според вицепремиерот идеално би било во текот на месец септември да биде усвоен Извештајот за скринингот за првиот кластер и да ја добиеме поканата за доставување на патоказите.

Треба да знаете
Последни објави