Русија потпиша договори за воена соработка со повеќе од 40 африкански земји, објави вчера во Санкт Петербург рускиот претседател Владимир Путин.
„Со цел да ја зајакнеме одбранбената способност на земјите од континентот, развиваме партнерство во воената и воено-техничката сфера“, рече Путин за време на последниот ден од вториот руско-африкански самит.
Русија, како што кажа Путин, ги потпишала договорите за воено-техничка соработка со повеќе од 40 африкански земји, на кои им доставува широк спектар на оружје и опрема.
Првиот човек на Русија рече дека африканските земји добиваат оружје и технологии, некои бесплатно „со цел да се зајакне безбедноста и суверенитетот на земјите“.
Претставниците на африканските земји се поканети активно да учествуваат на воените форуми организирани од Русија, кои се занимаваат со техничките аспекти на оружјето, како и вежби со цел да се запознаат со опремата и нејзината употреба.