Фестивалот на народни игри и песни „Илинденски денови“ продолжува со вечер на традиционална музика на која ќе настапат ансамбли од Мексико, Ирска, Италија и Хрватска.
Фолклорниот ансамбл од Мексико прв пат гостува во Битола и вечерва ќе презентира дел од културното наследство на таа држава, информира за МИА професорот Еуљалио Родригез Кастиљо.
-Оваа година во овој летен фестивалски период гостуваме низ Европа. Настапивме во италијанските градови Тревизо и Венеција, патувавме и настапивме на фестивал во Тирана, Албанија, а деновиве сме во Македонија. Среќни сме што добивме покана да бидеме ваши гости и гледаме дека сте многу љубезни, гостопримливи и тоа уште повеќе на мотивира на фестивалската сцена да го презентираме нашиот фолклор, истакна Родригез Кастиљо во пресрет на вечерашниот настап.
Според програмата, освен гостите од странство, на третата фестивалска вечер ќе настапат и КУД „Илинден“-Битола, КУД „Весели пензионери“-Пробиштип, КУД „Ибе Паликуќи“-Скопје и ансамблот за фолклор „Гоце Делчев“ од Битола.
Ансамблите од Мексико и Италија ќе настапат и на манифестацијата „Фолклорна прошетка низ светот“ која се одржува на плоштадот „Магнолија“ во Битола.