Со централни митинзи и обраќања на лидерите на политичките партии денеска на полноќ завршува предизборната кампања во Грција за европските и локалните избори што ќе се одржат в недела, јави дописничката на МИА од Атина.
Владејачката СИРИЗА последниот предизборен митинг ќе го одржи вечерва на плоштадот Синтагма во центарот на Атина а говор ќе одржи претседателот на партијата и премиер на Грција, Алексис Ципрас.
Опозициската Нова демократија, одбра последниот митинг и последните пораки пред изборите да ги упати од Солун, од каде што ќе се обрати лидерот на партијата Кирјакос Мицотакис.
Во Солун кампањата ќе ја заврши и Движењето на промена, кое според истражувањата на јавното мислење во Грција се бори за третото место со Златна зора.
Паралелно, и подготовките за спроведување на европските и локалните избори се во крајната фаза.
Во Министерството за внатрешни работи на Грција, кое е надлежно за пребројување на гласовите и изборните резултати, претпладнево ќе се одржи генерална проба за собирање и соопштување на резултатите.
Веднаш потоа, министерот за внатрешни работи, Алексис Харицис ќе ја посети претседателската палата, каде што ќе го извести претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос за да го извести за процесот на подготовки за изборите во недела.