Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска, во врска со протестите на земјоделците од Овчеполието, порача дека сите што плаќаат, треба да добиваат вода за наводнување.
Тој уште еднаш укажа на неопходноста од реструктуирање и децентрализација на АД „Водостопанство“ за подружниците, кои се најблиску до земјоделците и најдобро ги знаат нивните проблеми, да добијат повеќе можности и слобода во управувањето.
Како што најави Николовски, на една од владините седници овој месец ќе се одбере моделот по кој ќе се реорганизира АД „Водостопанство“.
Според него, не смее да се дозволи АД „Водостопанство“ да пропаѓа во долгови и граѓаните да плаќаат за тоа, ниту смеат земјоделците да бидат доведени во состојба на некакво драстично поскапување на водата во сред сезона.
-Треба одговорност, чесен пристап, јасно и точно да се кажуваат работите. Со полициска контрола и мобилизација на сите институции, успеа водата да стигне до нивите. Но, врз основа на прашањата, треба да се најдат и одговорите: дали има нелегални приклучоци? Дали се троши водата за други потреби? Ние го правиме тоа што е наша обврска, да се грижиме. Му дадовме поддршка на АД „Водостопанство“ и петте метри кубни вода во секунда веќе течат низ нивите во Овчеполието, вклучително и до Ерџелија и Мустафино, истакна Николовски.
Министерството за земјоделство, напомена, е во постојан контакт со земјоделците и Подружницата во Овчеполе.