Вработен во Турција денеска е тешко повреден во вооружен напад врз шведскиот почесен конзулат во западната провинција Измир, а сторителот е уапсен, соопштија официјални лица и медиуми.
Канцеларијата на гувернерот соопшти дека нападот го извршило „ментално неурамнотежено“ лице во областа Конак во Измир во 11:45 часот по средноевропско време. Оттаму не го споменаа конзулатот.
Нападот се случил пред зградата на почесниот конзулат на Шведска, објави приватната мрежа НТВ. Повредената жена која работела таму како секретарка е во тешка состојба.
Турските власти го уапсија напаѓачот и спроведуваат истрага, соопшти канцеларијата на гувернерот.
Нападот се случи во моментот кога Шведска се најде во дипломатска криза со голем број муслимански земји кои ѝ се огорчени што дозволија палење на Куранот на нејзина територија.
Во понеделникот, двајца мажи запалија примерок од светата книга на исламот пред парламентот во Стокхолм.
Кон крајот на јуни, истите двајца запалија неколку страници од Куранот пред главната џамија во шведскиот главен град, а на 20 јули ја осквернавија, без да ја запалат.
Шведска го осуди инцидентот, бранејќи го уставното право на слобода на говор.
Таа го подигна нивото на подготвеност за терористички напад, признавајќи дека палењето на Куранот „ја зголемил опасноста за Шведска“ и за Швеѓаните.