Мечки уништиле околу 200 пчелни сандаци во Дебарско

Стотината пчелари од дебарскиот регион, поради климатските промени годинава се соочија со минимален приход од пчелните семејства а дел од нив дополнителна штета претрпеле и од  мечките.

-Веќе неколку месеци во општина Дебар но и во поширокиот регион, мечки имаат уништено околу 200 пчелни сандаци. По пријавата од страна на пчеларите посебна комисија врши увид, по што пчеларите преземаат соодветни законски активности, бидејќи мечката е заштитена со закон, вели Арбен Муладаури, раководител на Подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Според него за среќа досега нема регистриран случај на напад од мечка врз човек.

Пчеларите тврдат дека мечките пчеларниците ги „посетуваат“  главно во ноќните часови а по пат причинуваат штети и врз земјоделските посеви, посебно во пограничните села Спас, Бомово, Коњаре, каде нема постојани жители, но оние кои живеат во Дебар ги обработуваат земјоделските површини а имаат и пчеларници.

На присуство на мечки се жалат и жители од други села во регионот а не ретко жители од поширокиот регион постираат на Фејсбук видео снимки и фотографии од мечка на патниот правец Дебар-Маврово, делница Дебар-Жировница.

Треба да знаете
Последни објави