Хрватските навивачи и покрај забраната за присуство на фудбалскиот натпревар од 3. квалификациско коло во Лигата на шампионите кој требаше да се одигра вечерва меѓу АЕК и Динамо Загреб, сепак организирано пристигнале во Атина, каде предизвикаа хаос со една жртва. Според грчкиот портал „Њузит“ хулиганите од навивачката група „Бед Блу Бојс“ околу 150 пристигнале во Атина, патувајќи со автомобил низ Албанија за да ја измамат полицијата.
„БББ“ како туристи пристигнале во главниот град на Грција по поминати повеќе од 1.400 километри. По патото биле забележани како се движат во конвој. На социјалните мрежи се појави видео од нивната колона на автопатот, кој во Грција сега се нарекуваат „конвој на смртта“. Според некои информации, полицијата ги следела навивачите на влезот во Атина, но тие се растуриле на повеќе страни.
Хулиганите подоцна се собрале на станица од метрото и заедно се упатиле кон стадионот на АЕК во предградието „Неа Филаделфија“, каде што ги нападнале домашните навивачите на АЕК кои седеле во кафулињата. Во тоа наводно им помогнале навивачите на Панатинаикос со кои се во братски односи. Епилогот од хорор тепачката е еден мртов, 29-годишен навивач на АЕК, стотина уапсени и десетина повредени, меѓу кои и 12-годишно девојче.



