Во изолација 11 лица кои биле во контакт со болничарката од Инфективна што се зарази со конго-кримска хеморагична треска

Единаесет лиц кои биле во контакт со хоспитализираната болничарка од Инфективна клиника што се зарази со конго-кримска хеморагична треска се под 14-дневен здравствен надзор, соопшти директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат доктор Рената Младеновска. Болничарката болеста ја доби од младата жена од штипско која почина минатата недела од истата болест.

-Здравствениот надзор значи контактите на лицата треба да се во постојан контакт со епидемиолог од Центарот за јавно здравје Скопје. Тоа не е класична изолација, но не треба да имаат контакт со останатите, едноставно да издржат 14 дена и да не се прошири оваа зараза. Се надевам дека ова ќе биде последниот случај,  изјави Младеновска.

Претходно 29 медицински лица беа под здравствен надзор зашто биле контакти на 27-годишната жена од штипското село Кучица која почина од конго-кримска хеморагична треска по убод од крлеж. Болеста е сериозна и може брзо да прогресира, а од 10 случаи четири завршуваат со смрт.

-Имаме здравствен надзор за 40 луѓе вкупно. Од овие нови 11 лица, десетмина се од потесното семејство на болничарката, како и една нејзина колешка од Инфективната клиника, рече Младеновска.

Треба да знаете
Последни објави