Со музички концерт и со песната „Македонско девојче” која ја исполни оперската певица Весна Гиновска Илкова, синоќа во Рим заврши традиционалната повеќедецениска манифестација во чест на св. Кирил.
Последната програмска содржина ја подготви Министерство за култура на Република Северна Македонија, а ја следеа гости, пријатели и почитувачи на делото на сесловенските просветители, браќата св. Кирил и Методиј.
Уметничката програма што се одржа во престижниот хотел “Амбасадор” во Рим ја отвори заменик-министерот за култура Владимир Лазовски, кој во своето обраќање посочи дека манифестацијата претставува афирмација на визионерското просветителско дело на светите браќа и кое во актуелниот европски контекст зборува за космополитизам и разбирање на различностите, нагласи Лазовски.
Државната делегација предводена од претседателот на Парламентот Талат Џафери по завршувањето на концертот приреди коктел на кој учествуваше и Цвета Карајанчева, претседател на Народното собрание на Република Бугарија. Првите луѓе на законодавниот дом го честитаа 24 мај – Денот на сесловенските просветители и ја продолжија нововостановената традиција за организирање и учество на културно уметнички манифестации посветени на големиот празник.
Вчера во рамки на чествувањето се одржа Молебен во Базиликата Сан Клементе, а потоа делегацијата предводена од претседателот на Собранието Талат Џафери беше на аудиенција кај светиот отец на римокатоличката црква во Ватикан Папата Франциск.