Започнува сослушувањето на уапсените за инцидентите и убиството на навивачот на АЕК

Објаснувања за кривичните и прекршочните дела за кои се товарат, се очекува да дадат уапсените 105 лица за инцидентите во понеделникот вечерта пред стадионот на АЕК, кога беше убиен 29-годишен навивач на атинскиот тим, јави дописничката на МИА од Атина.

Денеска започнува процесот на сослушувањето на уапсените што ќе трае три дена, со оглед на тоа дека пред истражен судија ќе бидат изнесени во помали групи од 10-12 лица.

Процесот на сослушување се очекува да заврши в недела вечер.

Уапсените во средата побарале и добиле дополнително време за да ги разгледаат обвиненијата и да ја подготват нивната одбрана, а се товарат за четири кривични и седум прекршочни дела, меѓу кои и за убиство со умисла, како иако убиецот сѐ уште не е идентификуван, за криминална организација, за експлозија и поседување експлозивен материјал итн.

Мнозинството од уапсените, над 90 лица се хрватски државјани, навивачи на Динамо Загреб.

Во делот околу стадионот на АЕК по инцидентите полицијата пронашла предмети кои хулиганите ги користеле: џебни ножеви, пиротехнички материјали, метални и дрвени палки, камен, фантомки, дрвена табла во должина од 120 сантиметри на која имало клинци и траги од крв, три дрвени палки долги 83 сантиметри, а на две од нив со траги од крв, дрво во должина од 52 сантиметри исто рака со траги од крв, на кое било заковано друго дрво, џебни ножеви во должина од 17 и 20 сантиметри, медицинска маска со траги од крв, маици, стаклени шишиња од пиво, патики итн.

Грчките медиуми вчера објавија дека, согласно извештајот од спроведената обдукција, 29-годишниот Михалис, навивачот на АЕК, кој беше убиен во понеделникот, бил повреден во подлактницата, веројатно со нож од типот „Карабит“, што довело до неконтролирано крвавење, а десет минути подоцна настапила и смртта. 

Треба да знаете
Последни објави