Северна Кореја продолжи да развива нуклеарно оружје и да произведува нуклеарен фисилен материјал во 2023 година, избегнувајќи ги санкциите на ОН кои имаат за цел да го прекинат финансирањето на нуклеарната програма и балистички проектили на Пјонгјанг, се вели во необјавен извештај на ОН.
„По рекордното ниво на сајбер кражба во 2022 година, проценето на 1,7 милијарди долари, хакерите од Северна Кореја, наводно, продолжиле успешно да таргетираат криптовалути и други финансиски размени на глобално ниво“, напишаа независните набљудувачи на санкции во извештајот до Советот за безбедност на ОН, што Ројтерс го добил на увид во четвртокот.
Набљудувачите, кои известуваат пред Советот двапати годишно, претходно ја обвинија Северна Кореја дека користи сајбер напади за да помогне во финансирањето на нејзините нуклеарни и ракетни програми. Северна Кореја ги отфрли обвинувањата за хакерски или други сајбер напади.
Мисијата на Северна Кореја во Обединетите нации во Њујорк не одговори веднаш на барањето за коментар за извештајот. Претходно вчера севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун го разреши највисокиот воен генерал и повика на дополнителни подготовки за можноста за војна, зголемување на производството на оружје и проширување на воените вежби, објави државниот медиум КЦНА.
Северна Кореја е под санкции на ОН поради нејзината нуклеарна и балистичка ракетна програма од 2006 година. Тие мерки беа едногласно зајакнати со текот на годините, но 15-членото тело сега е во ќорсокак бидејќи Кина и Русија вршат притисок да ги олеснат за да го убедат Пјонгјанг да се врати во разговори за денуклеаризација.