Најмалку 80 загинати во пожарите на Хаваи

Според новиот извештај објавен денеска, најмалку 80 луѓе загинале во шумските пожари што го опустошија хавајскиот остров Мауи, а покрената е и истрага како се спроведувало справувањето со кризата од страна на властите за што локалните жители имаат сериозни сомнежи дека има пропусти.

Досега во прифатни центри сместени се 1.418 лица. Исцрпените жители се полни со прашања како се случи нивниот град, поранешната престолнина на поранешното Кралство Хаваи, Лахаина, да биде целосно уништен.

Три дена по катастрофата се уште е нејасно дали некој од жителите воопшто добил предупредување од властите дека се наближува сериозна опасност. На островот има сирени за итни случаи наменети за предупредување за природни катастрофи и други закани, но се чини дека тие не се вклучиле. Не се ни знае точно какви известувања биле испратени или дали воопшто биле испратени преку СМС пораки, мејлови или телефонски повици.

За време на пожарот неколку пати снемало струја, а бројот 911 за итни случаи во некои делови на островот воопшто не работел.

И покрај сето горенаведено, портпаролот на агенцијата одговорна за управување со кризи за Си-ен-ен изјави дека предупредувачките пораки се емитуваат преку мобилните телефони на жителите и електронските медиуми.

Поради бројот на истовремени пожари, пожарникарите не можеа да одговорат насекаде, па многу жители на Лахаина едноставно беа принудени да скокнат во морето за да избегаат од пламените јазици, соопшти крајбрежната стража.

Поради бројни нејаснотии, јавната обвинителка на оваа пацифичка американска држава Ен Лопез отвори истрага за „да се разгледаат одлуките донесени од властите пред и за време на пожарот“, а ревизијата ќе биде јавно објавена.

Инаку, бројот на загинати го надминува бројот на загинати во цунамито во 1960 година, кога на Хаваите загинаа 61 лице.

Началникот на округот на полицијата Џон Пелетиер изјави во четвртокот дека може да има околу 1.000 исчезнати, но тоа не значи дека сите загинале или се сметаат за официјално исчезнати.

Дури и оние чии домови не ги зафатил пожарот се предупредени на можна опасност по здравјето бидејќи делумно е оштетена водоводната мрежа. Некои жители се плашат од разбојници.

Локалните власти дозволуваат само оние кои можат да докажат дека биле таму пред несреќата да се вратат во Лахаина, а најавен е и полициски час.

Шумскиот пожар што избувна во четвртокот беше поттикнат од силните ветрови, а уште повеќе е зголемена јачината на ураганот Доре, кој моментално минува низ Тихиот Океан.

Пожарникарите и денеска продолжуваат со локализирање на пожарот.

Треба да знаете
Последни објави