Кошаркарската репрезентација на Македонија со пораз од Израел (65:86) го започна настапот на претквалификацискиот турнир во Талин за пласман на Олимписките игри во Париз 2024 година.
Подмладениот состав на Македонија немаше сили да се спротистави и да издржи до крај против Израелците.
Во почетните минути нашите кошаркари беа рамноправни, а Израел ја доби првата четвртина со пет поени позитива (19:24). Веќе на стартот на вториот период разликата стана двоцифрена, а Македонија намали до 38:47 на полувремето.
Во вториот дел, селекторот Александар Јончевски им даде шанса и на најмладите кошаркари во селекцијата, па разликата отиде и над 20 поени.
Најефикасен кај Македонија беше Ти Џеј Шортс со 22 поени, магдевски уфрли 11, а девет кошеви постигна Војдан Стојановски.
Кај Израелците, Роман Соркин со 21 и Јифтах Зив со 18 поени беа најдобри.
Македонија следниот меч ќе го игра утре против домаќинот на турнирот, Естонија, која денеска загуби од Чешка со 77:74.