Протестот против дислокација на центарот за зависници од Кисела Вода во Гази Баба
Имаме кучкарник, канта пазар, кванташки пазар, сточен пазар, депонија, уште центар за зависници треба да ни донесат да бидеме комплетни. Срамота е ова што го прават, бараме итно градоначалникот Борче Георгиевски да ја повлече оваа одлука и да помисли на нас и нашите деца, рече еден од револтираните жители на Маџари на протестот против дислокација на центарот за зависници од Кисела Вода во просториите на фабриката МЗТ.
Учесниците на протестот побараа оставка од градоначалникот.
„Ние не сме против изградба на ваков центар, но тоа треба да го направат на изолирано место, на некоја ливада, а не тука, среде населено место каде што има градинки и училишта. Овде ќе биде хаос. Се плашиме за нашиот и за животот на нашите деца. Никој не не прашал пред да ја донесе одлука, револтирани сме и на градоачалникот и на премиерот Заев. Ова е предупредувачки протест, но нема да се откажеме. Порачуваме градоначалникот да даде оставка и да дојде некој кој што е способен да работи во интерес на граѓаните“, рече Донка Димковска, жителка на Маџари.
Жителите во знак на протест денеска ја блокираа главната улица Перо Наков и јавно побараа градоначалникот да распише референдум, а за тоа, како што рекоа, ќе му биде доставена петиција со потписи од жители на Гази Баба.
„Имаме сознанија дека министерот Филипче донел одлука, а градоначалникот Георгиевски ја прифатил овој центар да биде тука во фабриката МЗТ. Прашуваме: каква е разликата помеѓу жителите на општина Кисела Вода и Гази Баба, затоа што ова не е решение туку префрлање на проблемот од едно на друго место. Нашата петиција со потписи кои ги собравме денеска ќе ги испратиме до сите релевантни институции, а доколку нема позитивен одговор, доколку не се уважи нашето барање, ќе продолжиме со протести, бидејќи ова е само предупредување“, рече еден од учесниците.
Центарот е сместен во Кисела Вода, но и тамошните жители протестираа барајќи негова дислокација.