Три лица осомничени за шпионажа за Русија се уапсени во Велика Британија во рамките на големата истрага за националната безбедност.
Како што пишува Би-Би-Си, обвинетите, сите бугарски државјани, наводно работеле за руските безбедносни служби.
Тие се обвинети дека поседувале лични документи за кои знаеле дека се лажни. Овие документи вклучуваат пасоши, лични карти и други документи на Велика Британија, Бугарија, Франција, Италија, Шпанија, Хрватска, Словенија, Грција и Чешка.
Осомничените се приведени од детективи за антитероризам од Метрополитен полиција, која има мандат за шпионажа.
Уапсен е Орлин Русев (45) од Грејт Јармут, од Норфолк, а потоа Бизер Замбазов (41) од Хароу, западен Лондон и Катрин Иванова (31), исто така од Хароу.
Тие со години живеат во Велика Британија, работеле повеќе работни места и живееле во низа имоти во предградијата.
Орлин Русев има историја на водење бизнис во Русија. Тој се преселил во Велика Британија во 2009 година и поминал три години работејќи како техничар за финансиски услуги. Неговиот профил на LinkedIn вели дека подоцна работел во разузнавањето и сигналите, што вклучува пресретнување на комуникации или електронски сигнали. Русев тврди и дека некогаш бил советник во бугарското Министерство за енергетика. Неговата последна наведена адреса е приморска куќа за гости во Грејт Јармут.
Што се однесува до Замбазов и Иванова, соседите во Хароу ги опишаа како пар. За него велат дека е возач во болници, а на профилот на Линкедин на Катрина Иванова стои дека работи како лаборант во приватниот здравствен сектор. Тие се преселиле во Велика Британија пред десетина години и основале социјална организација која им помага на Бугарите, вклучително и запознавање на културата и нормите на британското општество.
Според информациите од Интернет, тие работеле и во изборни комисии во Лондон кои им овозможуваат на граѓаните кои живеат во странство да гласаат на избори во Бугарија.