На грчките острови поради недостиг на медицински работници, умреле најмалку девет лица?

Летово на грчките острови има најмалку девет смртни случаи, вклучително и смрт на бремена тинејџерка, поради недостиг на медицински работници.

Некои болници на грчките острови немаат постојани општи лекари, а на многу острови на Кикладите и Додеканезите 24 часа е достапна по една брза помош, објави „Политико“.

Според извештаите, овој проблем не е единствен само за островите бидејќи во Атина има околу 50 амбулантни возила, наместо 85 до 90 колку што се потребни.

Итните служби мора да се реорганизираат, изјави за Политико претседателот на грчката служба за брза помош, Георгиос Матиопулос.

Матиопулос истакна дека медицинскиот персонал одбива да се пресели на островите бидејќи трошоците за живот таму се енормно зголемени поради растот на туризмот.

Тој рече дека неколку медицински работници биле испратени на островите да помогнат во текот на летната сезона, што ги принудило да го скратат летниот одмор, додавајќи дека тоа е само импровизирано решение.

Во предградието на Атина, во јуни почина 19-годишна осуммесечна бремена девојка додека чекала брза помош повеќе од пет часа, а починало и нејзиното неродено дете.

Одговарајќи на зголемените критики за смртни случаи кои можеби би можеле да се спречат, грчката влада распореди пожарникари, воен персонал и возачи за да помогнат во решавањето на недостигот на медицински персонал во туристичките области.

Лекарите се незадоволни од ваквата одлука, нарекувајќи ја „непрофесионална потрага по брзи решенија“. Лекарите тврдат дека распоредувањето необучен персонал во итни ситуации може да биде опасно за пациентите на кои им е потребна интервенција на лице место.

Грчкиот парламент на 27 јули усвои амандман за итно распоредување на пожарникари и воен персонал. Премиерот Киријакос Мицотакис беше реизбран на 25 јуни, ветувајќи дека ќе го реформира националниот здравствен систем како приоритет.

Мицотакис вети дека ќе вработи околу 10.000 здравствени работници, вклучително и 800 возачи на брза помош и 250 болничари на мотоцикли.

Треба да знаете
Последни објави