Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација, Александар Јончевски, даде свое резиме по трите порази во Талин во претквалификациите за Олимписките игри 2024.
– Додека сите други екипи имаа играчи од најсилните светски лиги, ние имавме огромни проблеми и да го составиме тимот по многубројните откажувања. Па така шанса за настап добија играчи, многу поголема и од онаа која ја имаат во нивните матични клубови. Верувам дека од овој турнир ќе извлечеме огромна поука, не само ние во стручниот штаб, туку и самите играчи. А тоа е дека во моментов сме далеку од квалитетот на репрезентациите со кои сме биле рамо до рамо, а некогаш и многу подобри. Треба да сфатиме дека тоа време помина, и дека сега е времето на новата генерација која треба да даде резултат во наредниот период. За да се случи тоа треба огромна работа, пожртвуваност и желба од страна на потенцијалните репрезентативци, а секако и услови во клубовите во кои настапуваат, потенцира Јончевски во својата кратка анализа на случувањата во Талин.
Во главниот град на Естонија, македонската репрезентација загуби од домаќинот, од Израел и од Чешка.