Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска во Дебар го означи почетокот од првата фаза за реконстукцијата на Хидромелиоративниот систем за наводнување “Дебарско Поле”, со реконструкција на пумпната станица.
Хидромелиоративниот систем за наводнување “Дебарско Поле” е проектиран и делумно изграден во седумдесеттите години од минатиот век. Систем за наводнување кој досега опфаќал околу 1000 хекатри земјоделски површини, користејќи ја водата од акумулацијата Шпиље. Долгите години на експлоатација и недоволното одржување на овој систем, допринеле истиот да е оштетен, во многу лоша состојба и повеќе години надвор од функција.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, токму од таа причина, уште во 2019 година подготви техничка документација за реконструкција и дограба на овој систем за наводнување.
„Со техничката документација е предвидена комплетна реконструкција на пумпната станица, реконструкција на главниот канал и реконструкција и доградба на деталната мрежа за наводнување, со што во мрежата за наводнување би се опфатиле 1650 хектари земјоделско земјиште и би се зголемиле земјоделските површини кои можат да бидат наводнувани”, истакна во обраќањето министерот Николовски.
Како министерство кое посветено работи, креирајќи мерки и политики за поддршка на секој еден земјоделец, пред нас си имаме поставено јасна цел, да имаме стабилно и зголемено домашно производство на храна. Цел која произлегува од Националниот план за производство на храна, кој го донесовме минатата година. План со кој рековме дека преку нов модел за субвенционирање земјоделците своите заслужени субвенции ќе ги добиваат побрзо, но и дека секоја една педа обработлива земјоделска површина ја ставаме во функција за производство на храна.
„Посветено работиме во остварувањето на овие поставени цели. Денес земјоделците се сведоци на брза и навремена исплата, како резултат токму на новиот модел за субвенционирање. Нема развиено земјоделство без вода, без нови и оспособени системи за наводнување на земјоделското земјиште. Тоа е основното правило, а изградбата и реконстукцијата на системите за наводнување една од нашите пет клучни цели поставени за оваа година, на која работиме посветено”, истакна министерот Николовски.
Целиот процес за реализација на проектот за реконструкција на системот за наводнување “Дебарско Поле” е предвиден да се одвива во две фази. Првата фаза опфаќа реконструкција на пумпната станица, а во втората фаза реконструкција и доградба на главниот канал и деталната мрежа за наводнување.
Со првата фаза предвидена е целосна реконструкција на објектот од пумпната станица, неговата фасада, кровна конструкција, целосно внатрешно уредување и уредување на партерот околу објектот. Во делот на машинство се предвидува поставување на нови пумпи и друга хидромеханичка опрема, поставување на целосно нова електро опрема, инсталации и трафостаница, односно ниско напонска постројка, постројка со фрекфентен регулатор, SCADA систем и друга опрема.
Вкупната вредност на првата фаза од проектот за реконструкција на пумпната станица, која започнува денес изнесува е 123.132.646 денари, со рок за реализација од 12 месеци. Изведувач на работите е Центар за водни технологии ДООЕЛ Скопје, а Надзорен орган е МГ Проект ДООЕЛ Скопје.
На настанот каде се означи почетокот од првата фаза за реконстукцијата на Хидромелиоративниот систем за наводнување “Дебарско Поле”, беа присутни и заменик министерката за земјоделство, шумарство и водостопанство, Вјолца Бериша, државниот секретар на министерството, Реџаил Исмаили, директорот на Управата за водостопанство, Исни Јакупи, градоначалниците на општина Дебар и Маврово – Ростуше, Хекуран Дука и Медат Куртовски.
Стабилно и навремено наводнување на земјоделските површини, преку изградба на нови и реконструкција на постојните системи за наводнување е клучна цел на МЗШВ на која посветено работиме за што говорат повеќето започнати капитални проекти во делот на водостопанството.