Министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу на денешната средба со претставници на граѓански организации за лица со попреченост ги истакнал своите заложби за воспоставување европски модел на комуникација и поголема инклузивност на лицата со попреченост.
Воедно, Алиу посочил дека веќе е воспоставена можност за знаковно толкување на соопштенијата на Министерството за информатичко општество и администрација.
Алиу најавил дека на сите јавни настапи како министер, кои се од информативен карактер, ќе има преведувач во реално време со знаковен јазик, воспоставувајќи го како практика и како стандард за сите јавни средби.
-Системски се трудиме и работиме на воспоставување на професионална рамка која користи знаковен јазик и има лиценца да толкува знаци во сите сфери на општеството. Правото на информации и пристап до услуги го сметаме за многу важно, без никого да исклучуваме, нагласил Алиу.
На средбата со Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“, министерот Алиу посочил дека гради европски модел на комуникација и посветеност на заложбата кон лицата со попреченост.
За проблемите на заедницата на глуви лица во однос на дигитализацијата, како што е наведено во соопштението од МИАО, се разговарало и на средбата со претставници на Здружението на толкувачи на знаковен јазик „Гласни раце“.
-Нашата држава треба да ги почитува одредбите од Конвенцијата за правата на лицата со попреченост. Министерот Алиу се зафати со решавање на предизвикот на непостоење шифра на дејност за професијата Толкувач на знаковен јазик за да се препознае како кадар во секоја државна установа. Потоа, следуваат активности за запознавање на другите институции за оваа потреба и соодветна едукација за правата и потребите на граѓаните со попреченост. Исто така, сите интернет страници на државните установи ќе се прилагодат на формат достапен за глувите и слепите лица, а со тоа стартуваше ресорното Министерство, истакнала Марија Башевска од Здружение на толкувачи на знаковен јазик.