Кому ќе му ја дадат довербата граѓаните на ЕУ за да ги претставува во Европскиот парламент во Брисел, ќе биде познато утре на полноќ.
Улогата на Европскиот парламент е да одобри, но и да преговара за измени и дополнувања на предложени закони и иницијативи поднесени од Европската комисија и Европскиот совет.
Европските избори се и почетокот на изборниот процес за нови водечки позиции во ЕУ.
Европските избори секоја петта година се одржуваат паралелно во сите земји членки на Унијата.
Сами избори се одвиваат врз основа на националните изборни закони, што доведува до разлика во денот на гласањето, најниската старосна возраст на гласачите и кандидатите, како и висината на цензусот.
Европските избори веќе се одржаа на 23-ти мај во Холандија и Велика Британија. Ирците и Чесите гласаа вчера (во Чешка и денеска). Латвијците, Малтежаните и Словаците гласаат денеска, а во недела сите останати земји на ЕУ.
Според првите податоци од Ирска и од Холандија, одѕивот на гласачите е поголем отколку на претходните европски избори, кога во ЕУ беше забележана рекордна ниска излезност од 43 отсто.
На претходните европски избори 2014 година, Белгија имаше највисока излезеност од речиси 90 проценти, а Словачка најниска од 13 проценти.
Треба да се истакне и фактот дека излегувањето на избори е задолжително во Белгија, Бугарија, Грција, Луксембург и Кипар, каде што се забележани највисоки стапки на излезност во Европа.
Резултатите од секоја земја-членка ќе бидат објавени на 26-ти мај по затворањето на последното гласачко место во Европа, при што последни се затвораат избирачките места во Италија во 23.00 часот.
До крајот на вечерва треба да бидат познати и првите прелиминарни резултати од изборите, односно како ќе изгледа новиот состав на Европски парламент.
ЕП, барем во почетокот, ќе има 751 пратеник. Пратениците се избираат пропорционално, така што помалите членки како Малта или Луксембург имаат по шест пратеници, додека најмногу пратеници во ЕП доаѓаат од Германија (96) и Франција (74).
Велика Британија повторно ќе има 73 места во Парламентот во Брисел, се до завршувањето на процесот излегување од ЕУ.
По Брегзит, бројот на пратеници во ЕП ќе се намали на 705 места, по што 27 места ќе бидат доделени на други земји-членки.
Според моменталните проекции, се очекува и во новиот состав на Европскиот парламент, водечки сили и натаму да бидат десниот и левиот центар.
Последните проценки се дека моментално најголемата Европска народна партија (ЕПП) и покрај падот од моменталните 217 места, ќе остане најбројна со очекувани 180 пратеници.
По неа доаѓаат социјалдемократите (СД) со очекувани 149 пратеници (во однос на 188 од постоечкиот состав), Алијансата на либералите и демократите (АЛДЕ) со 76 и Зелените со очекувани 57 места во новиот состав на ЕП.
Истовремено, се очекува зголемување на популистичките и крајно десничарските партии, без значително влијание врз процесот на одлучување во парламентот.
Дан по европските избори започнуваат преговори за формирање парламентарни групи.
Парламентарна група може да има најмалку 25 пратеници од најмалку една четвртина земји членки.
Во моментов во ЕП има 8 партиски групи, меѓу кои: Европска народна партија (ЕПП), Прогресивен сојуз на социјалистите и демократите, Сојуз на либералите и демократите за Европа (АЛДЕ), Зелените, Европските конзервативци и реформисти (ЕЦР), Европа на слободата и директната демократија (ЕФДД), Европска обединета левица/ Нордиска зелена левица и Европа на нациите и слободата (ЕНФ).
Инаугурацијата на новиот состав на ЕП е закажана за 2 јули во Стразбур, кога ќе биде назначен и претседател на Европскиот парламент, 14 потпретседатели, како и состави на парламентарните комисии.
Според непишано правило прифатено минатата година, групата која ќе добие најмногу места во Европскиот парламент треба да го предложи првиот од својата листа за иден претседател на Европската комисија.
Лидер Европската народна партија Мартин Вебер веќе се смета за нов кандидат за водечка позиција на Комисијата.
Истовремено, земјите-членки, на чело со Франција, сакаат директно да учествуваат во преговорите за распределувањето на најважните работи во ЕУ.
На вонредниот самит на ЕУ закажан за 28-ми мај во Брисел, лидерите на земјите-членки ќе се состанат за да ги дадат своите предлози во врска со назначувањето на новиот претседател на Европската комисија, Европскиот парламент, Европскиот совет, но и на новиот шеф на дипломатија на ЕУ и директорот на Европската централна банка.
Одлуката за именувањата треба да се донесе до крајот на јуни на состанокот на Европскиот совет, а потоа и да биде ратификувана во Европскиот парламент.
Нова Европската комисија треба да стапи на должност во почетокот на ноември 2019 година.