Германската влада се откажува од намерата со закон да ја зацврсти својата посветеност да троши два отсто од својот бруто домашен производ годишно во согласност со целта на НАТО, соопшти владин извор, пренесува Гардијан.
Соодветниот член од нацрт-законот за финансирање на буџетот одобрен денеска од кабинетот на канцеларот Олаф Шолц беше отстранет непосредно пред денешната седница на владата, истакна изворот.
Промената значи дека Германија ќе може да продолжи да ја исполнува целта како и досега – постепено во период до пет години.
Формулацијата е помека од ветувањето што Шолц го даде на 27 февруари минатата година, три дена по руската инвазија на Украина, кога објави „Zeitenwende“ (пресвртница) во владината политика за трошоците за одбрана.
„Отсега секоја година ќе трошиме повеќе од два отсто од БДП за нашата одбрана“, рече тогаш канцеларот.
Портпаролот на германската влада одби да коментира детали од законот.