Која е застреланата жена што го придружувала убиениот бугарски бизнисмен?

Спортистка и учителка по тенис е жената која што беше застрелана во моментот кога беше убиен бугарскиот бизнисмен, Алексеј Петров.

Според бугарската „Нова“, жената  има 47 години и е спортистка и учителка по тенис.

Таа изнајмила терени во спортскиот и рехабилитациониот центар на државната болница за да тренира“, пишува „Нова“. Според нивните извори, таму бил виден и Алексеј Петров, а двајцата претходно заедно излегувале на прошетки во планина.

Познатиот бугарски бизнисмен, политичар и поранешен припадник на Државната безбедност, Алексеј Петров беше убиен вчера во Софија. Тој бил застрелан во софиската населба „Драгеловци“ каде го пронашле припадници на МВР.

Жената која била со него, во тешка состојба беше пренесена во болница. Според последните информации, таа е во свесна состојба, но не може да зборува бидејќи е интубирана. Вчера имала две операции, и е во тешка состојба.

Бугарското Министерство за внатрешни работи соопшти дека Петров бил придружуван и од тројца телохранители.

Во минатото Петров, бизнисмен, политичар и поранешен припадник на државната безбедност преживеа два обиди за атентат, во август 2002 година и во 2015 година.

Украинецот Роман Логвиненко, осуден за обид за атентат врз Алексеј Петров во 2015 година, беше предвремено ослободен од затвор во мај. Одлуката ја донесе Апелациониот суд во Софија. Како што пренесува НОВА, самиот Петров бил запознаен со одлуката за ослободување, но тоа не го загрижило.

Сѐ уште никој не е осомничен за неговото убиство, истрагата е во тек.

Треба да знаете
Последни објави