Шведската климатска активистка Грета Тунберг ги повика истомислениците да го засилат притисокот во борбата против климатската криза, по повод одбележувањето пет години од нејзиниот прв училишен штрајк, кој прерасна во глобално движење, јави ДПА.
„Иако одново и одново покажавме дека има милиони од нас кои сакаат промени ширум светот, светот не се движи во вистинската насока“, им порача денеска 20-годишната активистка на своите милиони следбеници на социјалните мрежи.
Тунберг, која имаше 15 години кога „побегна од часови“ за да седне пред шведскиот парламент, рече дека се приближуваме до критичните точки за планетата побрзо од очекуваното.
„Мораме да го продолжиме притисокот и да не дозволиме оние што се на власт неказнето да ги жртвуваат луѓето и планетата за профит и алчност“, напиша таа. „Очајно ни треба радикална климатска акција за да го спасиме она што сè уште можеме и колку што е можно повеќе да ги ограничиме катастрофалните последици од климатската криза што луѓето веќе ги доживуваат“, додаде младата Швеѓанка.
Таа, исто така, го повика климатското движење „Петоци за иднината“ да изврши поголем притисок врз светските лидери.
Тунберг првпат седна пред парламентот во Стокхолм на 20 август 2018 година, за да побара од политичките лидери да направат повеќе за климата. За неколку месеци, нејзината индивидуална акција прерасна во меѓународно движење познато како „Петоци за иднината“, во кое беа вклучени илјадници, претежно млади луѓе, ширум светот кои протестираа за поефективни климатски политики. Тунберг дипломираше летово, но продолжува да протестира секој петок.