Во Охрид настан во рамки на караванот „Остави трага“ и панел дискусија „Еднаква, своја, успешна“

Во паркот кај Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, вечер ќе се оддржи настан како дел од караванот „Остави трага“, кој има за цел да поттикне младинска активација, но и да пренесе пораки на еднаквост и толеранција низ целата земја.

Од Министерството за труд и социјална политика информираат дека во рамки на настанот ќе се реализира и панел дискусија под името „Еднаква, своја, успешна“ на која ќе учествуваат министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, министерката за одбрана Славјанка Петровска, сопругата на Претседателот на Република Северна Македонија Елизабета Ѓоргиевска и амбасадорот на Шпанија во земјава, Хозе Луис Лозано Гарсија.

На панел дискусијата ќе учествуваат и монахињата – сестра Ефимија, граѓанската активистка од Босна и Херцеговина Аида Авехабовиќ, претседателката на Здружение за промоција на знаковен јазик „Знак за збор“од БиХ Алма Мујановиќ, извршната директорка на здружение „УМХ“ Црна Гора Марина Вујачиќ,  менаџерот на Скопска Пивара Ламбро Патче, диригентката Бисера Чадловска, директорката на „Охридско лето“ Наташа Поповиќ, како и проектнaта раководителка во рамки на канцеларијата на Советот на Европа (CoE) во Скопје, Марија Андреева.

Целта на овој регионален настан, како што велат од МТСП, е да се поттикнат младите да го зголемат нивното општествено учество, активацијата и подигање на свеста за еднаквоста во општеството.

Настанот ќе го модерира Огнен Јанески, а официјално ќе го отвори групата „Шербет“. За време на настанот ќе биде изведена мини пиесата „Среќа“ на Интимен театар Битола, дел од студентите на Меѓународниот Балкански Универзитет – Факултетот за уметност и дизајн, ќе изготват уметнички дела на платно, додека младата уметничка Мартина Наумовска ќе гравира на стакло и стаклени чаши.

Серијата јавни настани која е насловена „Дојди и раскажи ја својата приказна – Остави трага“ ја спроведува Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи во соработка со Министерството за труд и социјална политика и со поддршка на проектот за борба против омразата и нетолеранцијата од заедничката програма на Европската Унија и Совет на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“.

Треба да знаете
Последни објави