„Беше задоволство да се биде во македонското Собрание затоа што конечно се стави точка. Со оваа точка настрана од нашите внатрешни состојби ние праќаме сериозна порака до сите наши пет соседи дека веќе играње со Македонците нема, а особено кога ВМРО-ДПМНЕ е силно. Ова е и силна порака и до Бугарија дека треба да си ги преиспитаат своите национални политики, да видат кај се, да видат кај згрешиле, да се вратат чекор назад и да градат со нас пријателски односи. Доколку сакаат да градат однос на уцени секогаш одговорот ќе биде НЕ. А, доколку се спремни да се испочитуваме едни со други, да дадат и тие нешто од себе, да го признаат постоењето на Македонците во Бугарија на пример, и да ги спроведат пресудите од Европскиот суд за човекови права кои што се однесуваат на слободата на здружување на Македонците во Бугарија и изучувањето на македонскиот јазик и бројни други основни човекови права, е тогаш можеме да разговараме на рамноправна основа. Но, доколку не се спремни да го направат тоа, тогаш секогаш ќе доаѓа одговорот НЕ”, истакна Александар Николоски, пратеник и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ при вчерашното гостување во емисијата „Вечерното шоу на Богдан Илиевски” на Алфа телевизија.
Николоски додаде дека вчерашната седница беше и силна порака до регионот дека веќе играње со Македонија нема.
„ВМРО е национален проект на македонскиот народ. ВМРО е многу повеќе од политичка партија. ВМРО е многу е многу повеќе од сегашните 44 пратеници или од утрешните дај Боже 61-62 пратеници од ова или она раководство. ВМРО е национален проект на македонскиот народ, и секогаш кога ВМРО е силно, е силен и македонскиот народ”, порача Николоски.
Тој нагласи дека за да има силна македонска држава мора да има силно ВМРО-ДПМНЕ.
„И затоа секогаш кога Македонците ќе го поддржат ВМРО, ќе бидат заштитени македонските национални интереси”, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Николоски.
Николоски посочи дека ВМРО-ДПМНЕ ја штити и традицијата на Македонците.
„ВМРО-ДПМНЕ е спремно да гради иднина затоа што само во време на ВМРО-ДПМНЕ се отвораат работни места, се поддржуваат домашните инвестиции, се привлекуваат странски инвеститори, се носат туристи, се носат пари во државата. Кога не е ВМРО-ДПМНЕ сето ова го нема”, укажа Николоски.
„Клучната порака од седницата е дека мора да сфатат Македонците и сите кои што живеат во Македонија, но пред се Македонците дека ВМРО е национален проект на македонскиот народ. Колку е посилно ВМРО, толку ќе е посилен и македонскиот народ и обратно”, порача потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Николоски.