Што да провериш кога купуваш половен автомобил

Купувањето на половен автомобил е обврска од која на многумина им се крева косата на главата и на која пристапуваат со логичен страв дека може да се случи да ги дадат парите за автомобил кој нема да е она за што платиле.

Иако најверојатно имаш пријател кој можеш да го викнеш да ја изврши инспекцијата на половниот автомобил за тебе, сепак многу е важно и ти да се чувствуваш добро околу направениот избор, бидејќи во купениот автомобил на крајот ќе седнеш токму ти.

Од таа причина, Мој Пријател направи листа на проверки кои лесно можеш да ги спроведеш и сам на половниот автомобил.

Каросерија

  • Побарај пукнатини на шофершајбната (и најмалата пукнатина може мошне брзо целосно да се прошири)
  • Провери дали бојата на различните деловите од каросеријата е иста (различната боја може да значи дека некој дел не е од оригиналната каросерија и е променет поради судар)
  • Следи ги линиите од багажникот кон предницата и види дали се прекршени (исто така индикатор на изместување од судар)
  • Провери ја каросеријата за гребнатинки и рѓосани места (овие места се брзо подложни на скапување)
  • Провери дали светлата и бришачите се целосно исправни (секој дополнителен трошок по купувањето ја зголемува набавната цена на возилото)

Гуми

  • Провери дали сите 4 гуми се исти тип
  • Провери дали на нив постојат исекотини, пукнатини или крпени места
  • Провери дали сите гуми се исто потрошени (нееднаквоста може да укажува на проблеми со балансот и суспензијата)
  • Провери ја состојбата на резервната гума и алатот за менување гуми

Мотор

  • Провери дали има траги од истечено масло или други течности
  • Провери дали има траги од корозија на акумулаторот
  • Провери со стапчето за мерење на масло дали има траги од темно, црно масло
  • Провери дали при работа на моторот има чудни миризби на изгорено или слично
  • Види дали од ауспухот излегува син или црн чад (ова е индикатор на несоодветно согоровуање на бензинот или маслото)

Суспензија

  • Провери дали возилото во мирување стои рамно
  • Провери дали ако притиснете на аглите на возилото над гумите се слуша шкрипење
  • Провери дали сите агли при натискање реагираат исто

Внатрешност

  • Провери дали седиштата имаат пукнатини или се искинати на некое место
  • Провери дали седиштата без проблем се подесуваат и поместуваат
  • Провери дали сите врати и прозорци се отвораат и затвораат без проблем
  • Провери дали багажникот се отвора и затвора без проблем
  • Провери дали сите функционалности и команди работат (трепкачи, бришачи, вентилација, сигнализација, радио и сл.)
  • Дали има предупредувачки знаци на шалт-таблата или борд-компјутерот
  • Дали работат бришачите и дали течноста се дисперзира нормално при прскање
  • Дали сите седишта имаат функционални појаси за врзување
  • Дали работи внатрешното светло

Трансмисија

  • Доколку трансмисијата е автоматска увери се дека при возење нема доцнење во трансмисијата
  • Доколку трансмисијата е мануелна увери се дека менувачот влегува во секоја брзина без проблем и дека не прави звуци на чкрипење кога се уфрла во рикверц

Сопирачки

  • Дали возилото при кочење треба да го задржи правецот и да не завлече на една страна
  • Дали рачната сопирачка се подига и спушта без проблем и е функционална

Управување

  • Возилото не завлекува на една страна без да го насочувате
  • Возилото е стабилно и нема знаци на тресење или вибрации
  • Нема отпор на воланот кога пробуваш да свртиш
  • Нема тропање или гребење кога вртиш

Останати работи на кои треба да обрнеш внимание

  • Побарај увид во сервисна книшка или записи за редовен сервис и поправки
  • Не брзај со проверката и не дозволувај сопственикот да те брза, во спротивно замини си
  • Ако си задоволен и подготвен да го купиш автомобилот, сепак направи и проверка на автомобилот во сервис или со помош на стручно лице.
Треба да знаете
Последни објави