Ѓоргиевска: Образованието, инклузијата, волонтерството и менталното здравје се значајни области за поддршка на младите лица

Сопругата на претседателот Елизабета Ѓоргиевска се обрати на мултимедијалниот настан на караванот „Остави трага” што се одржа во склоп на Центарот за култура „Григор Прличев” во Охрид.

Во своето обраќање пред присутните, г-а Ѓоргиевска се осврна на образованието, инклузијата, волонтерството и менталното здравје како значајни области кога станува збор за поддршка на младите лица. Говорејќи за образованието, особено за мобилноста, таа истакна дека уште од периодот на нејзиното образование била дел од истражувачките тимови на различни универзитети користејќи различни образовни програми и им порача на младите да бидат активно ангажирани за нивното образование.

„Денеска имате огромен број на можности коишто младите треба и мора да ги искористат за да бидат дел од едно глобално истражувачко семејство каде преку вмрежување ќе ги добиваат најновите информации од полето коешто се интересираат,  и секако подоцна да се вратат во татковината да ги споделат своите знаења и искуства”, истакна г-а Ѓоргиевска.

Во однос на волонтирањето, г-а Ѓоргиевска истакна дека е многу важно младите уште од најмала возраст да имаат можност да волонтираат во областа на секој од свој интерес, односно да се запознаат со проблемите со кои се соочуваат луѓето кои се во нивната околина бидејќи на таков начин се развива солидарност, хуманост, емпатија, а дополнително може да се поврзат повторно со луѓето од својата околина и исто така, можеби да го пронајдат начинот со кој ќе функционираат, ќе живеат и ќе се едуцираат во иднина.

Истакнувајќи ја важноста за комплетна инклузија на лицата со попреченост г-а Ѓоргиевска нагласи дека е важно да ги гледаме од аспект на тоа што тие можат да направат и да ја видиме нивната способност, нивната вештина, а не да зборуваме за попреченоста. 

Ѓоргиевска, истакна и дека во дигиталната ера младите честопати се жртви на врсничко, физичко или емоционално насилство, кои честопати остануваат незабележани затоа што не се зборува за нив и затоа се потребни дискусии и проекти коишто го промовираат менталното здравје кај младите.

На крајот, сопругата на претседателот на младите им порача да се фокусираат на своите интереси, да не потклекнуваат на предизвиците, ако имаат проблем, да разговараат за тоа, да се обратат кон родителите, кон блиските, кон наставниците затоа што заслужуваат подобро.

„Посветете се на образованието, учете, истражувајте и не дозволувајте некој да ве обесхрабри и да ве направи да се чувствувате дека сте помалку вредни, затоа што младоста асоцира на храброст, енергија, визија, елан. Создавајте пријателства, бидете амбициозни и придонесете кон подобра иднина за вас и за оние што доаѓаат после вас. Само на таков начин ќе оставите трага”, порача сопругата на претседателот.

Настанот којшто е со регионален карактер и е дел од серијата јавни настани насловени „Дојди раскажи ја својата приказна – Остави трага” се спроведува од Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи заедно со Министерството за труд и социјална политика и со поддршка на проектот за борба против омразата и нетолеранцијата од заедничката програма на Европската Унија и Совет на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција”. На панелот заедно со г-а Ѓоргиевска се обратија и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и министерката за одбрана Славјанка Петровска.

Целта на настанот е да се поттикнат младите да го зголемат нивното општествено учество, активацијата и подигање на свеста за еднаквоста во општеството. На настанот учествуваше групата „Шербет”, а за време на истиот беше изведена мини пиесата „Среќа” на Интимен театар Битола, додека дел од студентите на Меѓународниот Балкански Универзитет – Факултетот за уметност и дизајн, изготвија уметнички дела на платно.

Треба да знаете
Последни објави