Импресивни, возбудливи и блескави доживувања на врвните концерти и театарски претстави кои ги понудивме на ова 63. фестивалско издание на автентичните локалитети, Античкиот театар, црквата Св.Софија, предворјето на Св. Софија, Долни Сарај, и Центарот за култура се сведоштво дека Фестивалот „Охридско лето“ е специфичен и посебен, препознатлив и единствен на нашите простори, како еден од најистакнатите културни настани во Европа и светот. Фестивал кој е меѓу петте најдобри во Европската асоцијација на фестивали. Тоа го истакна директорката на „Охридско лето“, Наташа Поповиќ на завршната прес-конференција свикана по повод спуштањето на завесата на годинешното фестивалско издание.
Како што истакна Поповиќ, изминатите 40 дена реализирани се восхитувачки настани кои публиката ги проследи со огромна радост.
– За повеќето настани се бараше карта повеќе, бележиме 50 процентно зголемување на продажбата, а она што за нас е посебно значајно, е тоа што имаме рекордна посетеност на странската публика. Резервации се правеа од Англија, Франција, Турција, Србија, Америка, Канада, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Холандија, Унгарија, Грција, Шпанија, Португалија, Полска, Норвешка, Финска, Шведска, Русија, Белгија, Австралија, Бразил, Израел. Тоа е доказ дека силата на музиката и театарот не познава граници, рече таа.
Како што беше речено пред медиумите, околу илада уметници – актери, театарски работници, солисти, хористи, музичари…вградија дел од себе за да го направат возвишено и успешно годинешното издание на „Охридско лето“.
Оваа година фестивалот ќе биде заокружен со содржина од драмскиот дел, со претставата „Лагата“ на Драмскиот театар од Белград и популарните актери Милош Биковиќ, Миодраг Радоњиќ, Тамара Крцуновиќ и Јелисавета Теодосиќ.
Инаку, ова е прв настап на оваа белградска театарска куќа на „Охридско лето“ што, како што рече директорот на установата, Југ Радивојевиќ, импонира дотолку повеќе што фестивалот е еден од најзначајните манифестации од тој вид, не само во регионот туку и пошироко.
– Ако ова е собир на најдобрите, а ние сметаме дека припаѓаме тука, многу ни е драго што вечерва ќе играме тука, особено пред толку бројна публика од над две илјади гледачи. Нашата куќа е најстар градски театар во Белград, основан како театар со цел да промовира нови тенденции во сценската уметност. И претставата „Лагата“ е на линија на таквиот театарски одраз, рече тој, изразувајќи уверување дека денешниот нивен настап на „Охридско лето“ ќе означи почеток на долготрајна и плодна соработка.
Протагонистите во поставката „Лагата“ воодушевени од првите импресии за Охрид и Фестивалот, сите помалку возбудени што ќе треба да играат на сцена пред толку бројна публика.
– Предизвик ќе биде да се игра пред две илјади луѓе на Античкиот театар, а да го задржиме тоа чувство како да се наоѓаме во една соба. Таа задача е исправена пред нас, ќе видиме како тоа ќе го доловиме вечерва, рече актерот Милош Биковиќ.
За самите реплики во претставата актерите велат дека се чини дека авторот на текстот како да седел и слушал што сите ние во животот сме го изговарале, сите сме минувале низ такви бесконачни расправи и бели лаги…
– Тоа е и она што е навистина вредно во оваа претстава, во неа секој може да се препознае…Во секој случај, опасна претстава, актуелна, неопходна, потребна, важна. Она што јас како човек го синтетизирав од оваа претстава, е дека човек за успешно да лаже треба истата да ја интегрира во својот живот, да поверува во неа за на крајот таа да стане и вистина, што пак од друга страна ќе заборави нешто друго, ќе жртвува некоја вистина, токму поради изречената лага, рече Биковиќ.
Претставата „Лагата“ е работена според текст на Флоријан Зелер, режисерска поставка на Никола Љуца, а услогите ги толкуваат Милош Биковиќ, Тамара Крцуновиќ, Миодраг Радониќ и Јелисавета Теодосиќ.
Почетокот на претставата е во стандардниот фестивалски термин од 21 часот.