Одамна е познато дека медитеранската исхрана е добра за здравјето, а новата студија од Харвард покажа дека целокупниот начин на живот што го живеат луѓето од Медитеранот помага да се намалат шансите за прерана смрт и и тоа со не мали 29 проценти.
Што воопшто значи медитеранскиот начин на живот? Не се работи само за фалената медитеранска исхрана која ја ограничува преработената храна и се фокусира на зеленчук и здрави масти. Според оваа студија, на должината на животот на човекот влијае и дали има добри пријатели и дали доволно одмара.
За да дознаат, истражувачите на оваа студија, објавена во Mayo Clinic Proceedings, се обиделе да ги испитаат навиките на жителите на земјите лоцирани покрај Средоземното Море.
„Медитеранската исхрана, која US News & World Report ја прогласи за најдобра шеста година по ред, ја нагласува важноста од консумирање квалитетна храна, интегрална храна и житарки богати со хранливи материи“, велат нутриционистите кои учествувале во студијата.
Медитеранскиот стил на исхрана вообичаено ја вклучува исхраната на жителите на 21 земја на три континенти кои граничат со Средоземното Море, вклучувајќи ги Италија, Шпанија, Грција, Хрватска, Турција и Монако, каде свеж зеленчук, овошје, риба, јаткасти плодови и маслинки се во изобилство. Освен исхраната, истражувачите велат дека на должината и квалитетот на животот многу влијае и препознатливиот медитерански начин на живот, кој заедно со здравата храна промовира и доволен одмор, редовна физичка активност и богат социјален живот.
„Луѓето кои се придржуваат до медитеранскиот начин на живот имаат помал ризик од смрт од сите причини, вклучително и од рак“, се вели во соопштението за печатот на оваа студија.
Инаку, истражувачите дошле до овие податоци со проучување на исхраната и навиките за животниот стил на дури 110.799 учесници на возраст од 40 до 75 години, а користеле и прашалник за животниот стил придружен со проценка на исхраната на учесниците.
-Врз основа на трите категории мерени со индексот би можеле да добијат информации за начинот на живот на секој поединец. А тие три категории ја вклучуваат потрошувачката на храна која е дел од медитеранската исхран, вклучитено овошјето и цели зрна, следење на медитеранските навики во исхраната и почитување на медитеранскиот начин на живот во однос на физичката активност, одморот и дружењето, пишува NY Times.