Општина Пехчево доби грант за зголемување на енергетската ефикасност на здравствениот дом „Иван Георгиев”. Проектните активности кои ќе се реализираат со овој проект како што информираа од Општината, меѓу другото предвидуваат и изведба на нова енергетско ефикасна фасада на установата.
Активноста се реализира во согласност со Договорот за заем за финансирање на проекти за енергетска ефикасност во јавниот сектор помеѓу Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка, претставувана од Министерството за финансии.
-Врз основа на одредбите од Законот за задолжување на Република Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по договорот за заем за финансирање на Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, Министерството за финансии и Општина Пехчево потпишаа Договор за грант за регулирање на меѓусебните права и обврки за финансирање и спроведување на проектот за „Реконструкција на ЈЗУ Здравствен дом – Пехчево“ за зголемување на енергетската ефикасност. За финансирање на Проектот „Реконструкција на ЈЗУ Здравствен дом – Пехчево“ , за зголемување на енергетската ефикасност, Министерствот за финансии ќе обезбеди финансиски средства од заемот на Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка, во износ од 10.812.398 денари, информираа од Општината.
Градежните работи како што додадоа ќе се реализираат во првата половина на 2024 година.
-Проектни активности кои ќе се реализираат со овој проект се: изведба на нова енергетско ефикасна фасада, замена на постоечките прозорци и врати, изолирање на подови, како и изолирање на покривот, додадоа од Општината.
Градоначалникот на Пехчево, Александар Китански очекува работите да се реализираат согласно утврдената динамика потенцирајки дека проектот е од огромна важност за подобрување на условите во пехчевската здравствена установа.