Во „Вести Плус” на Канал 5, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одговарајќи на прашањето дали ќе се стигне на време со вадењето на лични документи, појасни дека сите капацитети се ставени на располагање, а динамиката е добра.
„Патни исправи имаме променето веќе околу 1.000.000, над 800.000 лични карти и други лични документи. Со ваква динамика, со несмалено темпо на работа, во две смени, работа за време на викенд итн. ќе направиме се за да успееме да постигнеме да се заврши целиот процес во најдобар можен ред. Нормално е во летните месеци секогаш да имаме зголемување на бројот на граѓани кои што побаруваат пред се патни исправи заради патувањата кои ги имаат, меѓутоа целиот капацитет ќе биде ставен во функција”, дециден беше Спасовски.
На прашањето дали ќе се реновира објектот на МТВ во делот на Управните служби, Спасовски истакна дека сите објекти кои ги направивме а тоа се 81 во државата, се објекти кај кои била согледана состојбата и имало потреба од реновирање.
„Јас најавив минатата година, сега сакам да Ви кажам дека не само што има средства во буџетот, тука дека веќе е избран изведувач на работите и можеме во секој еден момент да почнеме со градба. Меѓутоа знаете ако сега во најголемите гужви започнеме со реконструкција на тој објект веднаш ќе има реакција зошто сега се почнува. Така што ќе одбереме момент кога ќе почнеме”, заклучи министерот Спасовски.