Полицијата од 1 септември ќе ги обезбедува сите училишта во Србија, а полициски службеници ќе бидат присутни пред, за време и по наставата во двете смени, соопшти Министерството за образование на Србија.
Освен до училишните дворови, полициските патроли ќе се зголемат и во близина на училиштата, а ќе ја контролираат и регулираат безбедноста во сообраќајот, беше соопштено по работната средба што денеска ја одржаа претставници на Министерството за образование и Министерството за внатрешни работи.
Како што е наведено, раководителите на полицијата и училишните администрации, како и директорите на училиштата и началниците на полициските станици, интензивно работат на анализа на безбедносната состојба, со цел да се процени состојбата и да се преземат заеднички мерки за подигање на безбедноста на учениците и вработените на највисоко можно ниво.
На средбата се разговараше и за проектот „Заедно и безбедно низ детството“, кој во наредната учебна година заеднички ќе го спроведуваат Министерството за образование и Министерството за внатрешни работи во основните училишта.
Целта на проектот е да се подигне свеста кај учениците за последиците од насилното однесување во реалната и виртуелната средина, да се препознаат различните видови насилство и дискриминација, да се усвојат стратегии за помагање на другите во неволја и вештини за ненасилно разрешување конфликти, развиваат сочувство и информираат за начините на помош, поддршка и заштита, како и стекнување знаења и вештини за безбедно учество во сообраќајот и однесување во итни ситуации.