Скулптури изработени од рециклирано железо ќе бидат претставени на изложбата насловена „Мрак“ на скулпторот Озбек Ајваз. Изложбата ќе биде отворена вечер од 19:30 часот во Мобилната (монтажна) галерија на Центарот за современи уметности во Паркот на Франкофонијата во Скопје.
Скулптурите кои ги изработува Ајваз се од рециклирано железо во апстрактна и геометриска форма. Неговиот уметнички израз е под влијание на Пабло Пикасо, Александар Архипенко, Марсел Дишан и Џулио Гонзалес.
Озбек Ајваз (1999, Скопје) дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсек вајарство, со модул сценографија во 2021 година, под менторство на проф. м-р Жарко Башески и проф. м-р Беди Ибрахим. На истиот отсек на ФЛУ тој е на магистерски студии под менторство на проф. Башески.
Ајваз учествувал на повеќе групни изложби, симпозиуми и колонии во земјава, Турција, Косово и во Црна Гора. Во 2021 ја добил наградата за надежен млад уметник во Истанбул. Од оваа година членува во ДЛУМ – Друштво на ликовни уметници на Македонија.