Индиското вселенско летало Чандрајаан-3 успешно слета на јужниот пол на Месечината, со што Индија стана првата земја во светот што го сторила тоа.
Сите претходни мисии на Месечината се имаат спуштено малку под екваторот, но истражувањето на нејзиниот јужен пол е клучно за потрагата по вода на Земјиниот сателит. Научниците сега се надеваат дека ќе можат да лансираат ровер кој ќе испраќа фотографии и податоци назад на Земјата.
Во моментот кога леталото слета на Месечината, имаше аплауз во контролната соба во Индија. Премиерот Нарендра Моди беше снимен како се насмевнува и го вее индиското знаме додека леталото се спушташте.
„Индија сега е на месечината“, рече тој додека ѝ се обрати на публиката од контролната соба на Исро. Тој во моментов е на самитот на БРИКС во Јужна Африка, од каде на индиски изјави дека неговите мисли се со Чандрајаан-3, исто како и мислите на сите други во земјата. Тој им честиташе на контролната соба на Исро и на сите други Индијци за ова незаборавно достигнување.
Со ова, Индија стана четвртата земја која некогаш се обидела да слета на Месечината. Пред нејзе тоа го направија САД, Кина и поранешниот Советски Сојуз, но никој не успеа да стигне до нејзиниот Јужен Пол.
Чандрајаан, што значи „лунарно возило“ на санскрит, беше лансиран од вселенскиот центар Сатиш Даван во Шрихарикота во јужната индиска држава Андра Прадеш на 14 јули. Оваа мисија го означи вториот обид на Индија за контролирано слетување на Месечината. Првиот обид, во 2019 година со Чандрајаан-2, заврши со пад на леталото на површината на Месечината поради софтверски проблеми и тешкотии при сопирање при спуштање.