„Ѕид на честа“ во Приштина за Косоварите кои спасија Евреи во Втората светска војна

 Во Градскиот парк на косовската престолнина денеска беше инаугуриран „Ѕидот на честа“, во спомен на косовските Албанци кои придонесоа за спас на тамошните Евреи од нацистичкиот прогон во Втората светска војна, јави дописникот на МИА од Приштина.

На свеченоста, организирана од Здружението за косовско-израелско пријателство и Албанско-американската фондација, присуствуваа бројни претставници на косовските институции, меѓу кои и премиерот Албин Курти, како и членови на дипломатскиот кор и на меѓународните институции во земјата и други гости од земјата и од странство.

– Овој „Ѕид на честа“… служи како споменик на херојските чинови, но и како монумент на заедничките вредности и на пријателството на косовскиот и на еврејскиот народ во целиот свет. За обата народи беше втемелувањето на државата – на израелската држава и на косовската држава – она што најпосле им го даде на косовскиот и на израелскиот народ силното чувство на дом, од кое тие беа лишени во минатото, рече Курти.

На присутните им се обратија и поранешниот американски конгресмен, претседателот на Албанско-американската граѓанска лига, Џо Диогарди и неговата сопруга, Ширли Клојс Диогарди, извршна директорка на Албанско-американската фондација, која изрази почит за пожртвуваноста и толеранцијата на Албанците кон Евреите во времето на Холокаустот.

Амбасадорот на САД во Косово, Џефри Ховениер по тој повод порача дека пожртвуваноста на Косоварите во чија чест е подигнат споменикот во Приштина, треба да служи како инспирација за новите генерации и „за удвојување на напорите за градење правично општество, во кое сите ќе живеат во достоинство и мир“.

Треба да знаете
Последни објави