Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска присуствуваше на пуштањето во употреба на новиот објект „Срничка” во состав на детската градинка „Гоце Делчев” во Општина Пробиштип, при што премерот Ковачевски имаше и обраќање.
Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на премиерот Ковачевски:
„Ако добро ја следев директорката, после 35 години за прв пат во Пробиштип е проширен капацитетот за сместување на деца, а после 50 години за прв пат е изграден комплетно нов објект, оваа градинка „Срничка” во рамки на установата „Гоце Делчев” во која ќе можат да бидат сместени децата од Пробиштип.
Тоа секако ќе ги намали проблемите со кои се соочувале во изминатите 5 децении вработените во градинките во однос на згрижувањето и воспитувањето на децата, меѓутоа и ќе отвори нова можност родителите да можат подобро го планираат своето време да можат и мајките, наместо да бидат дома да работат, со оглед на тоа што децата сега ќе можат да бидат згрижени во оваа комплетно нова градинка.
Во новиот објект ќе бидат сместени 74 деца во занималните, во јаслите и ќе имаат најсовремени услови бидејќи се работи за градинка која е поддржана од страна на Светска Банка преку Министерството за труд и социјална политика и која што е изградена според најновите проектантски решенија кои се користат во Скандинавија. Јас и министерката ја имавме таа чест, благодарение на нејзината работа и нејзините колеги да бидеме на отворањето и на градинката во Крива Паланка и на градинката во Волково, идната недела ќе ја отвориме и градинката во Карпош, што значи дека она што го кажуваме дека парите се инвестираат кај граѓаните и за потребите на граѓаните, за конкретни проекти кои се реализираат и пуштаат во употреба.
Ова е објект кој е вреден половина милион евра, инаку вкупниот проект кој го работи Министерството за труд и социјална политика е во износ од 13 милиони евра со него ќе бидат изградени 10 градинки, односно ова е 10-тата градинка која е веќе завршена и ќе бидат завршени уште 3 градинки во други градови од државата.
Соработката со Светска Банка, со ЕУ, со САД изгледа вака, се градат нови објекти, по светски стандарди и се овозможува подобар живот на граѓаните и подобро планирање на професионалниот и личниот живот на сите членови на семејството.
И за нецели 6 години, досега, низ државата се отворени 81 објект на предучилишно воспитание и образование со опфат на над 5.400 деца и 12 центри за ран детски развој, со опфат на околу 400 деца. Тоа е влез на нови, над 5.800 деца во предучилишниот процес.
Новите градинки се градат навистина по светски стандарди, меѓутоа од друга страна овие нови градинки овозможуваат и нови вработувања. Овде ќе имаме нови 25 вработувања кои ќе значат и дополнителен економски стимул на Општина Пробиштип.
Од друга страна и платите растат. Ги зголемивме платите во образованието, кај негувателите во рамки на Министерството за труд и социјална политика за 15%. Потпишавме и нов колективен договор со кој ќе има повторно зголемување оваа година на платите, а исто така идната година не очекува зголемување на минималната плата во првиот квартал.
Сето ова говори дека Северна Македонија се развива, дека во Северна Македонија има оптимизам, дека во Северна Македонија има потреба од работа. Јас на влезот во Пробиштип и тоа сите можат да го видат, можат и медиумите да го видат дека после долго време има билборд којшто компанија од светски реномиран карактер бара работници, тоа не се случувало со декади во државата и резултатот на тоа е што има 8% намалена невработеност, 9,5% зголемена вработеност со просечна плата од веќе над 600 евра.
Благодарам на поддршката што ја доби Министерството за труд и социјална политика од страна на Општина Пробиштип, од градоначалникот и од советниците во општината.
Градоначалникот е млад, способен човек затоа и ја доби довербата по втор пат да ја води општината Пробиштип. Пробиштип не е ист таков каков што беше по транзицијата, ако погледнете, се отвораат фирми, има странски инвеститори. Пробиштип станува место каде што обновливите извори на енергија се најзастапени споредено со други градови во државата.
Спортот го вратија, веќе има спортски клубови кои се натпреваруваат во лигите во државата што порано не беше случај и многу активности, содржини кои фалеа во делот на културата, забавата на пробиштипјани кои сега се реалност.
Особена благодарност до министерката Тренчевска. Јас знаев дека кога ја поставив дека ќе биде најдобрата министерка за труд и тоа го потврди преку потпишување на сите колективни договори кои 15 години никој ги немаше потпишано, преку воведувањето на законот за минимална плата, преку воведувањето на нова методологија за раст на пензиите со која што 26% пораснаа пензиите за само 1,5 година и големиот број на капитални инвестиции кои се прават и оние кои следуваат и ќе бидат пуштени во употреба.”