Унгарија сака да ја преземе командата со воената мисија на Европска Унија во Босна и Херцеговина и сега чека одобрение од Европскиот совет за политика и безбедност, потврдија владини извори во Будимпешта.
Досега мисијата Алтеа ја командуваа австриски генерали, а на чело на главниот штаб беа високи унгарски офицери. Австриските власти најавија дека имаат намера да се откажат од командата со мисијата, чија цел е да се следи безбедноста во БиХ и почитувањето на воениот дел од Дејтонскиот договор, бидејќи нивните војници и опрема ангажирани во БиХ сега се повеќе потребни во самата земја, особено поради граничен надзор.
Како можни наследници се појавија Италија и Романија и некои други земји, но се чини дека најблиску до преземање на командната позиција е Унгарија, чија Влада потврди дека е подготвена да ја обезбеди потребната логистичка поддршка како хеликоптери и друга опрема.
– Остануваме посветени на преземање на функцијата командант на операцијата Алтеа од јануари 2024 година за период од една година, доколку биде одобрена од Советот за политика и безбедност на ЕУ, се наведува во соопштението на унгарската Влада.
Операцијата Алтеа беше воспоставена во 2004 година, кога ЕУ го презеде од НАТО мандатот за обезбедување мир во БиХ, а унгарските војници учествуваат во таа мисија од 2010 година.
Во моментов во БиХ има околу 1.100 војници од 22 земји како дел од ЕУФОР, вклучително и не-членки на Унијата, како што се Швајцарија, Чиле, Северна Македонија, Албанија и Турција.