Во манастирскиот комплекс „Св.Јоаким Осоговски” кај Крива Паланка сѐ е подготвено за чествувањето на претстојните големи христијански празници, Успение на Пресвета Богородица и 29 август, денот на патронот-светителот Јоаким Осоговски, а на овој датум е најавена заедничка света архиерејска литургија со која ќе чиноначалствуваат српскиот патријарх г.г.Порфириј и Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан.
-Манастирот на свети Јоаким Осоговски, повеќе од 1000 години сведочи за православната вера на овие простори, во пазувите на Осоговските планини. Затоа многу верници од цела Македонија на 29 август доаѓаат да се поклонат пред моштите на свети Јоаким Осоговски и да ги испросат неговите молитви пред Бога. Значајно е да се забележи дека оваа година, прв пат после конечното добивање на Томосот за автокефалност на Македонската православна црква, со што целосно се заокружи сеправославното признавање на МПЦ, ќе имаме гости од повеќе помесни православни цркви. Така, оваа година, на 29 август светата литургија ќе започне во 9 часот на која на покана на нашиот владика г.Григориј, ќе служат неговата светост, српскиот патријарх г.г. Порфириј и неговото блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, се наведува во соопштението од Кумановско-осоговската епархија.
Заедно со нив ќе служат и гости од неколку други помесни православни цркви, што сведочи дека култот на свети Јоаким Осоговски, покрај во земјава е распространет и пошироко во православниот свет.
Општина Крива Паланка во чест на празниците организира богата програма, со фестивалот „Џојфест” на 27 и 28 август на градскиот стадион, „Фестивал на храна” на 29 август на стадионот во градот, а ќе бидат официјално пуштени во употреба и неколку значајни проекти.
На 28 август се организира и прослава по повод Денот на рударите.