Фудбалерите на Ајакс сезонава не ги бележат очекуваните резултати. Притисокот од јавноста е огромен, а сето тоа кулминираше по двомечот со Наполи во третото и четвртото коло во Лигата на шампионите, во кој Ајакс прими 10 гола (1:6 и 2:4).
Поранешниот играч на Ајакс и легенда на холандскиот фудбал Весли Снајдер ги обвинува капитенот Душан Тадиќ и неговиот менаџер Милош Маленовиќ за лошите резултати. Тврди дека капитенот и менаџерот го кројат тимот.
Ова не е првпат Снајдер да го нападне Тадиќ, а тоа во последно време го прави и Рафаел Ван дер Варт, исто така поранешен холандски репрезентативец.
Снајдер зборуваше за односот на Тадиќ и Шредер, тренерот на Ајакс. Двајцата го имаат истиот менаџер Милош Маленовиќ.
– Многу е можно Тадиќ и неговиот менаџер да имаат моќ. Мислам дека сум во право. Ќе слушате нешто од страна, нешто од внатре. На играчите тоа воопшто не им се допаѓа. Тие немаат проблем со тренерот, имаат проблем со целата ситуација. Многу е очигледно дека менаџерот на Тадиќ има голема моќ во Ајакс. Ова никогаш не било случај во Ајакс, еден менаџер да има толкава моќ.Можеби тоа се случи додека во клубот беше Марк Овермарс, но не по него, изјави Снајдер.
Српскиот фудбалер до сега не објави ништо за инсинуациите на Веслиј Снејдер. Тешко е да се очекува дека и сега ќе има коментар, но факт е дека поранешниот играч за врска на Интер има проблем со Тадиќ.