Кошаркарите на Јужен Судан и Зелено’ртски острови забележаа победи во 2. коло од групната фаза на Светско првенство и останаа во игра за пласман во втората фаза. Двете првопласирани селекции од секоја група продолжуваат со настапите во втората фаза на кошаркарскиот мундијал.
Јужен Судан во Манила убедливо ја совладаа Кина (89:69) во групата Б. Во тимот на Јужен Судан најефикасни беа играчот на Булс, Карлик Џонс со 21 поен, Куанџи Нгор Куањи со 16 поени и Нуни Омот со 14. Кај кинескиот тим предводен од клупата од поранешниот српски кошаркар Александар Ѓорѓевиќ, Кајер Ли постигна 22 поени, Руи Жао 13 и Чи Џоу 10 поени.
Во вториот натпревар од групата Б, Србија од 14 часот го игра мечот против Порторико. По две кола Јужен Судан има победа и пораз, а Кина доживеа два пораза. Во третото коло в среда Јужен Судан ќе игра со Србија, а Кина ќе игра со Порторико.
Зелено’ртските острови ја совладаа Венецуела (81:75) во групата Ф во Окинава. Победничкиот тим го предводеа Бетињо Гомеш со 22 поени, Вил Таварес со 20 и Иван Алмеида со 18 поени и шест скока, а за Венецуела Дејвид Леон постигна 15 поени и Јорнан Замора 14.
Африканците имаат победа и пораз на турнирот, а Венецуела два пораза. Вториот натпревар во таа група денеска ќе го одиграат Словенија и Грузија, а во третото коло Зеленортските Острови ќе играат со Словенија, а Венецуела со Грузија.