„Европска иднина е желба на граѓаните, а тоа го покажуваат спроведените анкети каде огромен број граѓани даваат поддршка на процесот на евроинтеграции”, вели претседателот на Владата, Димитар Ковачевски во вечерашното гостување на „Вести Плус” на Канал 5 телевизија. Граѓаните сакаат демократија, правна држава, висок стандард.
„Македонските граѓани 80% се за интеграција на државата во ЕУ. Секое истражување на јавно мислење кое што ќе го погледнете покажува 80% за интеграција во ЕУ. Погледнете каде беше државата во 2016 година. Заробена држава, нарушени меѓуетнички односи внатре во државата, нарушени во целост односи со соседните држави и ниту еден милиметар не мрднати во европските и во НАТО интеграциите. Владеење на право се виде какво било, комплетна политизација на сите институции, слободата на медиумите 140 место во светот, денеска сме 38 место во светот. Владеење на демократија окарактеризирани од сите како хибриден режим и како заробена држава. Денес ние имаме и економскиот стандард во тоа време, минималната плата беше 7.700 денари, денес е 21.000 денари. Скоро дупло покачена минималната пензија, 40% покачена просечната пензија”, рече премиерот Ковачевски за Канал 5.
„Неприфаќањето на носење одлуки со што ќе продолжи процесот на евроинтеграции, ќе значи спречување на унапредување на нашето општество”, истакна премиерот. Ковачевски смета дека тоа ќе оди во интерес на корумпирани политичари и бизнисмени кои не можат да работат на европскиот конкурентен пазар.
„Спречување на унапредување на нашето општество, тоа е единствено во интерес на корумпирани политичари. Тоа ќе биде единствено и во интерес на бизнисмени кои може да работат во изолирана држава, кои што не можат да работат на европски конкурентски пазар, единствено во интерес на пропагандисти кои работат за трети држави кои што не сакаат да ја видат државата интегрирана во ЕУ”, рече претседателот на Владата.
Продолжувањето на скрининг процесот, како и процесот на реформи внатре ќе значат менување на функционалноста на општеството, што е исто од голема важност и за државата и пред се за граѓаните. Претседателот на Владата, Ковачевски истакна дека тоа единствено може да се случи во процесот на евроинтеграции.
„Продолжувањето на процесот на скрининг, потоа отворањето на поглавјата ќе значи конкретни, строги реформи внатре во институциите. Вие погледнете кога зборуваме за владеењето на правото, сите закони кои што сме ги донеле се правени заедно со ЕУ, меѓутоа повторно има нефункционалност. Повторно има нефункционалност. Ние направивме комплетна независност на правосудните органи, погледнете го Уставот, погледнете ги законите, за денес да добиеме комисија која што ќе ја оценува работата на Судскиот совет и тоа од ЕУ”, рече премиерот.