Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска беше во посета на ДСУ Регионален центар за стручно образование и обука „Киро Бурназ”, во Општина Куманово.
Заедно со Ковачевски беа и министрите за образование и наука Јетон Шаќири и за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Премиерот Ковачевски им даде поддршка на учениците, кои својата иднина ја гледаат во дуалното образование и ги охрабри дека тоа за нив значи сигурна иднина и работа.
„Навистина ми е драго што денеска сум во средно стручно училиште во Куманово, со паралелки со дуално образование и што интересот на учениците за ова училиште е толку голем. Од она што ми го кажа директорката и другите наставници најголемиот број на ученици се запишуваат токму во дуалното образование. Овде има повеќе смерови на дуално образование од прехранбена струка, сточарство и ветеринарство, веќе се работи на воведување на машинска струка за обука на учениците, како и на други струки. Учениците, во компаниите кои потпишале договори со училиштето и со Министерството за образование и наука, имаат можност не само да учат теоретска настава, туку и практична настава. На тој начин од првиот ден на своето образование имаат можност да се вклучат и во работните процеси, и да станат многу поконкурентни на пазарот на труд во однос на своите врсници“, рече премиерот Ковачевски.
Владата на Република Северна Македонија вложува напори и максимална посветеност за креирање долгорочни политики и стратегии кои што ќе водат кон севкупен напредок на образовниот процес, а со тоа и на нашето општество. Таква стратегија е и подигнувањето на атрактивноста и интересот на младите за упис во средно стручно образование.
„Владата вложува навистина многу напори во поглед на унапредување на образованието. Ние во секој случај не сме држава како што се западно–европските држави и државите во САД, кои обезбедиле по својата независност систем во којшто се било перфектно. Вие знаете дека пред 32 години обезбедивме независност на државата и од тогаш Министерството за образование и наука, сите институции работат на унапредување на образовниот процес и на образовните објекти во кои се одвива наставата. Најдобар пример за тоа како треба да изгледа еден образовен објект е токму ова училиште“, истакна Ковачевски.
Посакувајќи им успеси на учениците и наставниците, министерот за образование и наука Јетон Шаќири, истакна дека учебната година започнува со повеќе нови учебници во основното и средното стручно образование, 50тина реконструирани и неколку нови училишни објекти, како и со најава за повисоки плати за просветните работници.
„Со помалку предизвици и со што подобри резултати да ја заокружиме новата учебна година. Да се заложиме сите. Потребна е поддршка од семејствата на учениците, од наставниците, граѓанските организации, бизнис заедницата и воопшто на сите општествени чинители, затоа што конечно на крајот, какви ученички генерации ќе создадеме не зависи само од еден фактор, или од една засегната страна, туку од сите нас. Во меѓувреме, Министерството за образование и наука останува отворена институција за соработка и ќе се трудиме да бидеме на висина на задачите, водејќи се секогаш по најдобрите интереси првенствено на младите“, рече министерот.
Шаќири потсети дека учебната година ќе трае до 17 јуни, а за прв пат, по примерот на повеќе развиени земји во Европа, се воведува и пролетен распуст кој ќе трае од 29 април од 5 мај. Информираше и дека во училишните клупи има над 250 илјади ученици, од кои околу 20 илјади се првачиња.