Вчера, во градот Алкора што се наоѓа на источниот брег во Шпанија се слушаше македонска музика.
Амбасадата на Република Северна Македонија ја поддржа иницијативата на едно локално младинско друштво од градот составено од вљубеници во македонската музика.
Стотици млади Шпанци и Шпанки, веејќи македонски знамиња, се забавуваа со македонските хитови на Влатко Стефановски, Тоше Проески, Ареа, Funk Shui, Елита 5, Леб и сол, Суперхикс и други македонски изведувачи.
Настанот посветен на македонската песна и култура се организираше во рамките на традиционалниот летен фестивал на градот, а македонската вечер заеднички ја отворија амбасадорот Едмонд Адеми и градоначалникот на Алкора Самуел Фаломир.
„Месец септември е месецот кога Северна Македонија ја слави својата независност, и мило ми е што денес на 1 септември, го започнуваме овој месец, со еден ваков настан, со ваква вечер, овдe тука во Алкора, во пресрет на 8 септември – денот на независноста на Република Северна Македонија.
Република Северна Македонија и Шпанија имаат одлични билатерални односи, и идната година 2024 ќе одбележуваме 30 години воспоставени дипломатски односи, јубилеј за почит, и секако мотив плус да ја зајакнуваме и ги развиваме односите помеѓу двете земји, на многу полиња.
Културата е една од нив. И токму вечерва преку оваа иницијатива на овие млади момци и девојки тука, создаваме мостови за соработка и меѓусебно поврзување. Нека овој настан вечерва, биде иницијалната каписла, за многу идни заеднички настани, и тука во Алкора, и во цела Шпанија, и во цела Северна Македонија, порача македонскиот амбасадор Едмонд Адеми во неговото обраќање со кое ја отвори македонската вечер.
Алкора е град од десеттина илјади жители,сместен на само десетици километри од приморскиот град Валенсија.