Дачиќ во Џакарта ќe го потпише пристапувањето на Србија во АСЕАН

Министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ денеска и утре престојува во Џакарта, Индонезија на Самитот на Асоцијацијата на државите од Југоисточна Азија (АСЕАН), каде по 10 години преговори ќе го потпише „Инструментот за пристапување (на Србија) кон Договорот за пријателство и соработка во Југоисточна Азија“.  

„Конечно, сите земји се согласија Србија да се приклучи на АСЕАН, кои се многу значајни и големи земји.. Индонезија, Малезија, Виетнам, Сингапур, Тајланд, Камбоџа, Лаос, Мјанмар, а денеска ќе има свечено потпишување на нашиот прием во Џакарта, за да бараме можности да го прошириме нашето влијание“, истакна Дачиќ, се наведува во соопштението на српското МНР.

Членките на АСЕАН едногласно го одобрија барањето за пристап на Србија кон Договорот за пријателство и соработка во Југоисточна Азија на состанокот на министрите за надворешни работи во Џакарта во јули.

Земји-членки на таа организација се Индонезија, Филипини, Малезија, Сингапур, Тајланд, Камбоџа, Лаос, Виетнам, Брунеи Дарусалам и Мјанмар.

Целта на договорот, кој беше воспоставен во 1976 година, е да создаде политичка стабилност и безбедност во Југоисточна Азија и да обезбеди мирно решавање на споровите меѓу земјите, соопшти Владата на Србија по повод одобрувањето на барањето за пристапување на таа земја.

Пристапот до тој договор отвора можности за Србија за поблизок дијалог, соработка и вклучување во различни мрежи и платформи на АСЕАН, но придонесува и за унапредување на суштинската соработка во економските и социо-културните области на Србија со тој блок. 

Треба да знаете
Последни објави